Справувањето со климатската криза и работата за ублажување и прилагодување на климатските промени ќе го одбележи остатокот од овој век. Над две третини од вкупните емисии на стакленички гасови се должат на согорувањето на фосилните горива (јаглен, нафта и гас).

Промената на овој начин на производство на енергија е клучна. Во Македонија тоа е решение и за еден од горливите проблеми - аерозагадувањето.

Граѓаните се покажаа како значаен мотивирачки фактор и катализатор за транзицијата кон чиста енергија. Енергетската задруга е создадена со идеја да биде еден од клучните актери во зајакнувањето на обичните луѓе да учествуваат поактивно во транзицијата на македонскиот енергетски сектор кон обновливи извори на енергија. Не чекаме да се исполнат сите услови и да почне мнозинството, но сметаме дека упорна група задругари може да ги промени работите.

Нашата цел е да демонстрираме еколошки и економски одржлив начин на производство на електрична енергија, заснован на принципите на демократско управување со задругата.

Во задругата, секој член има по еден глас при одлучувањето. Заедно стекнуваме експертиза, ја одредуваме насоката на понатамошното дејствување и растеме со цел да реализираме амбиции поголеми од нашите индивидуални покриви.

Задругата сака да воспостави мрежа на децентрализирани соларни централи на покривите и соларни паркови во колективна сопственост на обичните луѓе ширум државата.
Доколку сте заинтересирани да се вклучите во глобалната климатска акција и да придонесете за зачувување на животната средина во Македонија, како и да ја намалите сметката за електрична енергија со префрлување на обновливи извори на енергија, известете не.

 
Енергетска Кооператива